Истиот ден кога Собранието им го одзеде имунитетот и со тоа одобри притвор за шесте пратеници на опозицијата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави обновување на полициските станици со 40 милиони денари (околу 650 илјади евра).
„Состојбата во полициските станици е загрижувачка. Полицајците работат во субстандардни услови, кои негативно се одразуваат на нивното здравје. Токму затоа, одвоени се 40 милиони денари со кои во текот на следната година ќе бидат реконструирани и уредени полициските станици низ Република Македонија. Во завршна фаза е подготовката на прегледот на состојбите во сите полициски станици и врз основа на проценката ќе започне реконструкцијата. Задоволна полиција, значи и безбедни граѓани. Затоа, инвестираме во полицијата“, изјави тој на денешната прес-конференција.
Спасовски најави и над 570 милиони денари (околу 9,3 милиони евра) за набавка на нова опрема за специјалните полициски единици и за обновување на дотраената.





