Комисијата од Клиниката за детски болести денеска ќе го расчистува случајот со тримесечното бебе од Сарај.
Семејството на бебето тврди дека било повредено од здравствен работник на Одделот за имунологија.
Медицинската сестра ќе ја раскаже својата страна од приказната, што предизвика реакции во јавноста објавувајќи слики од бебето со модринки на раката.
Сестрата доби поддршка од Синдикатот на Клинички центар, чиј член е и таа. Тие нагласуваат дека никој не треба да биде обвинет пред да се докаже вината.
Нема да дозволиме да се гази достоинството на здравствените работници на Македонија“, велат од Синдикатот.
Унијата на здруженија предводена од “ЗМСТАС – ЗА НАС” ги повика релевантните институции да приложат докази и да го разрешат случајот на детската клиника, поврзан со тврдењата за нестручно однесување на медицинска сестра со новороденче, јави „Фокус“.
„Во нашата земја во моментов работат околу 9200 медицински сестри. Оваа хумана фела одговорно и пожртвувано работи во јавниот здравствен систем и не заслужува да се фрла дамка на сестринската професија поради недокажани инциденти. Затоа од име на Унијата на медицински сестри упатувам реакција и ја повикувам стручната комисија јавно да се произнесе со факти и одговорноста да ја насочат кон конкретниот виновник“ порача м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унија на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“.
Бебето кое имаше модрици на рацете по престојот на Детската клиника, имало наод за тромбоцитопенија – состојба на намалени тромбоцити од која се појавуваат модринки. Дека наодот за тромбоцитопенија постои и состојбата била констатирана на Детската клиника, за „Слободен печат“ потврдија тројца специјалисти од Клиниката, меѓу кои и директорот, доктор Реџеп Мемеди.
Доктор Мемеди вели дека модриците се на раката во делот каде што една од медицинските сестри го држела бебето, додека другата го боцкала, а дека тромбоцитопенијата која била претходно констатирана во наодот немала улога, затоа што крвната слика била повторно направена и немало веќе намалени тромбоцити.
Двајцата други доктори пак, не се согласуваат и ни рекоа дека кога постои тромбоцитопенија, можно е да се случи да се појават модрици и има поголема осетливост, а бебето во конкретниот случај било склоно и кон крвавења, пренесува “Слободен печат“.
Министерот за здравство и директорот на Детската клиника го посетија семејството на повреденото бебе истиот ден.
Арбен Таравари рече дека доколку има вистина во обвинувањата ќе има санкции.






