На 95-годишна возраст утрово почина поглаварот на Албанската православна црква, архиепископот Анастасиос, кој од почетокот на месецов беше хоспитализиран во атинска болница, а здравствената состојба му беше критична, јави дописничката на МИА од Атина.
Поглаварот на Албанската православна црква на 30 декември бил превентивно примен во болница во Тирана со сезонски вирус, меѓутоа ситуацијата се влошила, па на 3 јануари во вечерните часови со авион на грчкото воено воздухопловство, итно беше пренесен во болница во Атина.
Пораки со сочувство за смртта на архиепископот испратија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, како и од опозициската СИРИЗА.
Починатиот архиепископ од Албанија Анастасиос „се спротивстави на нетолеранцијата и верскиот фанатизам“ и се залагаше за „взаемно разбирање, дијалог, братство и мирен соживот на народите“, рече претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, објави Катимерини
Анастасиос, „водечка личност која комбинираше теолошко размислување со практикување на неуморна служба“, придонесе неизмерно во пастирска, социјална, образовна и добротворна работа, додаде таа.
„Неговите религиозни студии, неговите научни студии, неговото мисионерско искуство во Африка и неговата неуморна борба, и покрај тешкотиите, за обнова на Албанската православна црква претставуваат примерен пат“, рече таа.
Роден како Анастасиос Јанулатос, архиепископот беше теолог, мисионер, писател и поранешен професор на Универзитетот во Атина, а во изминатите 32 години беше поглавар на Православната црква на Албанија, која тој самиот ја обнови во 1992 година под сегашната титула, откако мисијата ја доби од Вселенската патријаршија.
Паралелно со возобновувањето на Православната Црква, развил програми од областа на образованието, здравството, социјалната заштита, руралниот развој, културата и екологијата.
Во 2000 година архиепископот Анастасиос беше номиниран за Нобеловата награда за мир.






