Почина владиката Тимотеј

Дебарско кичевскиот Митрополит Тимотеј, починал денеска во болница. Тој неколку дена бил на болничко лекување поради проблеми со срцето, објави страницата Религија.мк.



Имаше 73 години. Владиката Тимотеј беше и портпарол на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).

Владиката Тимотеј е роден како Славе Јовановски на 20 октомври 1951 во Младо Нагоричане, Кумановско. Во 1976  дипломирал на Богословскиот факултет. Потоа работи како службеник во Македонската архиепископија. Од Синодот бил испратен во Рим каде ги завршил ориенталните студии и магистратура. На Богословскиот факултет во Скопје извесно време Јовановски работел и како професор, а е поставен и за в. д. ректор на Македонската православна богословија.

Монашки потстриг примил на 10 септември 1981  во Бигорскиот манастир, а на 11 септември бил ракоположен за јероѓакон во истиот манастир. На 13 септември таа година  бил ракоположен за јеромонах во Кичевскиот манастир, а за архимандрит бил произведен во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Битола.

По изборот за епископ на 20 септември 1981, бил хиротонисан за архијереј на МПЦ во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје.

Од 21 септември 1981 бил назначен за Митрополит австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија.

Со Австралиската епархија раководел до 1995 , од кога продолжил да раководи со Дебарско-кичевската епархија како Митрополит Дебарско-кичевски.СДК