Потрага по лицето што ја отстрани таблата на српскиот конзулат во Куманово (ВИДЕО)

Млад човек завиен во албанско знаме, за време на прославата на Денот на албанското знаме во Куманово, од фасадата на Конзулатот на Република Србија во Куманово,  насилно ја отстранил таблата со грб на Република Србија и натпис „Конзулат на Република Србија во Куманово – почесен конзул“, напишан на српски и на македонски јазик, објави Телеграф.



Амбасадата на Република Србија во Скопје изрази длабока загриженост во врска со вчерашното сквернавење на државните симболи на Република Србија и загрозувањето на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово, особено имајќи го предвид фактот дека просториите на дипломатско-конзуларните претставништва и станбените згради наменети за членовите на дипломатскиот персонал на Република Србија, не се првпат предмет на вандализам во земјата.

Српската амбасада објави видео од надзорните камери на кое се гледа како млад човек ја крши таблата од зградата на Конзулатот.

Во оваа насока, Амбасадата посочува дека е целосно посветена на соработка со надлежните органи на Македонија, со цел што поскоро откривање и гонење на сторителот на насилниот чин, чиј идентитет, велат, може недвосмислено да се утврди врз основа на достапните снимки од безбедносните камери.