Потрага по исчезнат Бугарин во пограничниот регион кај струмичко Ново Коњарево

Доброволци и роднини веќе неколку дена трагаат по исчезнатиот 32-годишен Бугарин Александар Заков во Македонија, кој последен пат го напуштил својот дом во петричкото село Кључ на 30 декември 2023 година и оттогаш нема трага од него, пишува бугарскиот портал „24 часа“.



„Пред неколку дена добивме сигнал дека е забележан во реонот на македонското село Ново Коњарево, што е на околу еден километар од бугарско-македонскиот граничен премин Златарево – Ново Село. Тука сме со македонски волонтери и го обиколуваме реонот. Денеска се навршуваат точно 50 дена од исчезнувањето на мојот брат. Утре (денеска – н.з.) ќе се води големата потрага по него во пограничната област“, ​​изјави вчера неговиот брат Борислав Заков.

Роднините на исчезнатиот бараат учество на повеќе доброволци во потрагата по него. Договорени се и со македонските граѓани за в недела. Збирното место е во 9 часот по македонско време пред продавницата на главниот пат во Ново Коњарево.