Петчелниот совет на Врховниот суд донел решенија со кои се одбиени жалбите на поранешниот началник на Петтата управа во Управата за безбедност и контраразунавање Горан Грујевски и на вработениот во УБК Никола Бошковски, и ги потврдил одлуките на Апелацискиот суд Скопје за определување на мерка притвор во траење од 30 дена.
“Постапувајќи по жалбата на одбраната на Т.Ј., Врховниот суд на Република Македонија ја уважи жалбата, го преиначи решението на Апелацискиот суд Скопје со кое беше определена мерка притвор и го потврди решението на кривичниот совет на Основниот суд Скопје I Скопје за определување на мерка на претпазливост повремено јавување во просториите на Основниот суд Скопје I Скопје и определи и мерка на претпазливост привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање на други патни исправи”, се наведува во образложението за одлуката на судот за шефот на кабинетот на екс директорот на УБК, Тони Јакимовски, кој останува само без пасош.




