Вториот национален парк во Република Македонија е „Маврово”. Втор е по прогласување во нашата земја – 1949 година. Се протега на површина од над 73 илјади хектари, вметнат меѓу планините на Шарско-пиндскиот планински систем и тоа во јужните делови на Шар Планина, сиот масив на планината Кораб, планините Дешат, Бистра и дел од Влајиница.



Разбранетите води на Мавровско Езеро сега го покриваат некогашното Мавровско поле, во кое бројот стада овци безгрижно паселе сочна трева. Денес ова езеро со својата убавина во текот на целата година повикува на одмор.

Планината Бистра со врвот „Меденица”-2162 метри, доминира во оваа варовита планина. Обликувана е со долови, врвови, и пространи пасишта, на кои домуваат безброј бели стада овци, придружувани од песот шарпланинец. Можеби дарежливоста на природата и традицијата на овдешниот човек, да живее безгрижно овозможиле да се пеат песни во народен мелос.

Во границита на Националниот парк „Маврово” има 52 врвови повисоки од 2000 метри. Буковите шуми, оазите од ели и брези, во западниот брег на реката Радика, кои ги среќаваме на планината Кораб го збогатуваат декорот на планината чиј врв Голем Кораб е со 2764 метри височина.

Во Националниот парк „Маврово” под шума се наоѓаат 28252 хектари, а останатата површина е под шумски пасишта, високопланински пасишта, голини, камењари.