Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска информираше дека вкупниот буџет на Министерството за 2025 година, распределен за финансирање проекти од национален интерес во културата, изнесува 814 милиони денари. Љутков појасни дека од оваа година воведуваат промени во начинот на финансирање на програмските активности за 18 национални установи, кои ќе добијат делегиран буџет, а тие се обврзани да ги објават своите годишни програмски содржини на нивните веб-страници.
Буџетот е поголем за 74 милиони денари во однос на буџетот од минатата година, а во овие средства, предвиден е и посебен буџет за креативните индустрии, за кои ќе објават посебен конкурс во периодот што следува.
Во однос на распределбата на средствата, тој информираше дека оваа година е ставен акцент на финансиските потреби на националните установи, односно за нивно збогатување со квалитетни програмски содржини.
Во однос на Годишните конкурси, Љутков посочи дека преку системот за електронско аплицирање пристигнале вкупно 2 888 пријави, а поддршка добиле 1365 проекти.
-Она што е особено значајно е фактот што, во согласност со видовите на проектите, во пријавите за 2025 година прецизно беше утврдено кој вид проект со колку средства максимално може да биде поддржан. Оваа јасна структура беше основа за транспарентна распределба на средствата. Исто така, со посебен акт беа утврдени и критериумите за именување членови на комисиите, чии имиња јавно ги соопштивме, за да ја потврдиме нашата посветеност кон транспарентноста и довербата на јавноста. Членовите на комисиите, кои се присутни на денешнава прес-конференција и на кои во оваа пригода уште еднаш лично користам можност да им се заблагодарам, во изминатиот период стручно и посветено извршија евалуација на проектите во согласност со исполнувањето на општите услови, рече министерот.





