Портите на Велјуса

Доколку тргнувате од Скопје, патот ве води преку Велес, Штип и Радовиш кон Струмица. Малку пред Струмица вртите десно и од магистрален, возите по локален пат. Патот е долг 150 километри.



Ако за Охрид велат дека го чуваат 365 цркви, за Струмичко приказната би можела да гласи – сто манастири. Велјуса е типично рурално македонско село, сместено во Струмичкото Поле. На едно карпесто плато некако затскриено од манастирските порти, се забележува само дел од она што очекувате да го видите.

Порано селото се викало Палеокастро, но откако е изградена црквата, посветена на Богородица Елеуса (Милостива), селаните кога доаѓале накај црквата викале: Одиме во Елеуса… Велеуса. Станува збор за народно предание, кое се смета и за најверодостојно.

Се искачуваме кон портите. Рано утро е и тивко ја отворам портата. Здивот застанува. Древна црква и неколку новоизградени комплекси во македонско-византиски стил на ѕидање. Прекрасно уреден парк  и камени патеки што ве водат до секој дел одделно. И тиса во култивирана варијанта.

Манастирот во своето многувековно постоење бил и машки манастир. Во 1996 година, со обновувањето на монаштвото, тој бил претворен во женски манастир.

Велјуса е вистинското место каде што може да му се препуштите на сопственото самоосознавање и да го истргнете метежот во главата. Еден светогорски старец запишал: Ако одиш во планина на неколку часа од љубов кон зеленилото и желба накратко да избегаш од градот, тогаш ќе стекнеш спокојство, но ако одиш за да го бараш Бога, тогаш тоа ќе стане место на невидлива борба и страдање…