Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека во септември минималните трошоци на едно четиричлено семејство изнесуваат 61.306 денари што е зголемување за 107 денари во однос на август кога истите трошоци изнесувале 61.199 денари.
- Загрижува податокот во делот на трошоците за Исхрана и пијалоци за месец септември кои изнесуваат 23 034,00 денари споредено со месец август (22 317,00 денари) и истите како трошок се зголемени за 717,00 денари, што покажува дека трговците во текот на месецот ги искористија најавите за воведување на ограничени маржи или цени за да ги зголемат цените на основните прехранбени производи пред објавување на Одлуката на Владата во Службен весник и на тој начин дополнително да се збогатат и да си осигураат зголемени цени и во наредниот период, односно за време на траењето на Одлуката за ограничени маржи на штета на граѓаните и работниците во Македонија, велат од ССМ.

Додаваат дека делот од синдикалната минимална кошница за трошоци за исхрана и пијалоци во целост, односно 86 проценти се превземени во листата на производи чии маржи се ограничени од страна на Владата со што се очекува дека доколку мерката се почитува од страна на трговците, ќе придонесе за значајно намалување на трошоците за храна и пијалоци на најранливите категории на граѓани или на работниците со најниски примања.

Инаку, ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“ до крајот на октомври треба да е видлива до секој од утврдените 73 прехранбени производи од составот на есенската кошница. Кај нивните цени треба да има извесно намалување под влијание на маржата која се ограничува до десет проценти.
На списокот, меѓу артиклите се млекото и млечните артикли, оризот, брашното, лебот бел и полубел, одделни пекарски производи (ѓеврек, бурек и банички со месо и сирење, симит погача, лисната кифла), тестенини, сончогледово масло за јадење, видови месо и сувомесни производи, јајца, овошје, зеленчук, зимница.






