„САД се длабоко загрижени поради неодамнешните обиди во косовскиот Парламент да се укине законот за специјалниот суд, кој беше основан да суди во случаи на наводни злосторства против човештвото, воени злосторства и други сериозни кривични дела извршени за време на конфликтот од 1998 до 2000 година. Ги повикуваме политичките водачи на Република Косово да останат посветени на работата на специјалниот суд и да не го менуваат раководството и овластувањата на судот, порача портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт во врска со минатонеделните обиди да се „минира“ Специјалниот суд за воените злосторства на поранешната ОВК.
„Секретарот Тилерсон кажа дека потрагата по правда на Балканот се уште не е завршена и ние остануваме посветени на тоа жртвите да ја добијат правдата“ дополни портпаролката.
Минатиот викенд кога во косовскиот парламет беше доставена петиција со над 15.000 потписи од ветерани на ОВК, а 43 пратеници бараа седница за да се преиспита Законот за Специјалниот суд, амбасадорите на САД, на ЕУ, Велика Британија и на Германија во Приштина предупредија дека е тоа погрешно и го враќа Косово назад.
Косовскиот претседател Хашим Тачи, кој беше главен командант на ОВК за време на војната, најави дека тој ќе ја потпише одлуката за расформирање на специјалниот суд, доколку таа биде донесена во Парламентот, пишува АлсатМ.
Сега, Стејт департментот ги повикува сегашното косовско раководство и членовите на Парламентот „да не го поништуваат ова достигнување со мешање во судот сега, или во иднина“.
Се шпекулира дека првите обвиненија и апсења на поранешни членови на ОВК ќе почнат веќе од јануари-февруари. Меѓу нив навдно се Даут Харадинај, братот на косовскиот премиер и роднина на претседателот Хашим Тачи.






