Поради пијан Британец, авион принудно слета во Задар

Вистинска драма се случувала во авион на релација Лондон-Софија, откако пијан 28 годишен Британец се однесувал агресивно и недолично па дури и нападнал и стјуардеса, по што капетанот на авион бил принуден да го прекине летот и принудно да слета на задарскиот аеродром во понеделникот.



По слетувањето, веднаш реагирале полицајци од поморската и аеродромската полициска станица Задар и привеле 28-годишен британски државјанин. Мажот бил видно под дејство на алкохол, а при постапката одбил алкотест,  пренесе хрватски Индекс.

Патникот за време на летот на особено дрзок и груб начин викал, кревал врева и ја навредувал кабинската екипа, при што ги вознемирувал останатите патници. Дополнително, се вели во статијата, тој давал навредливи коментари на англиски јазик врз основа на разликите во бојата на кожата, со намера да создаде понижувачка и навредлива атмосфера.

Против него е поднесен обвинителен акт, а Одделот за прекршоци при Општинскиот суд во Задар му изрече правосилна казна од 2.400 евра.