Македонска радиотелевизија (МРТ) се соочува со сериозни санкции, вклучувајќи го и губењето на правото за учество на „Песна на Евровизија 2018“ во Лисабон, поради огромни долгови, потврдија од Европска радиодифузна унија (ЕБУ).
„За жал, Македонска радиотелевизија повеќе нема пристап до нашите сервиси се додека не го плати својот долг“, изјави шефицата на Одделот за комуникации во ЕБУ, Клер Рејнфорд.
Таа не ја наведе висината на долгот, но анонимни извори од Програмскиот совет на МРТ за локален медиум навеле сума од 22 милиони евра кон домашни и странски доверители.
Минатата година на Романија од истите причини ѝ беа ускратени услугите од ЕБУ само неколку недели пред „Евросонг“. Поради финансиски проблеми, и босанската државна телевизија БХРТ не настапи лани, а нема да учествува ни годинава.
Андора, Турција, Луксембург, Словачка и Монако исто така го откажаа своето учество на музичкиот натпревар што ќе се одржи на 8, 10 и 12 мај во „МЕО арена“ во Лисабон, а до крајниот рок 10 октомври настапот го потврдија 40 земји.





