Поранешниот министер за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски, во книга што неодамна излезе од печат во Австрија ја потврдува тезата на авторите за двојната игра на германската канцеларка Ангела Меркел во бегалската криза пред две години.
„Имаше тивок договор со Германија за затворање на балканската рута. Германските политичари сакаа да го сториме тоа, но тие не го сменија својот вокабулар“, е цитиран бившиот шеф на македонската дипломатија во книгата „Бегство. Како државата ја загуби контролата“, чии автори се тројца новинари на австрискиот конзервативен весник „Ди Пресе“ – главниот и одговорен уредник Рајнер Новак, уредникот за надворешна политика Кристијан Улч и уредникот за внатрешна политика Томас Приор.

Поставувајќи го прашањето дали Меркел играше двојна игра, барајќи затворање на границата наспроти официјалниот став дека сакаат да ги прифатат бегалците, авторите изнесуваат низа детали за улогата на високи германски функционери во бегалската криза од летото 2015 година, со акцент на Македонија. Во книгата се тврди дека тогашниот австриски министер за надворешни работи Себастијан Курц посредувал во контактот меѓу германските и македонските власти, а сојузници во Владата во Берлин му биле министерката за одбрана Урсула фон Маер и министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер, кој требало да се јави во македонската Влада.
„Австрискиот министер за надворешни работи го организира јавувањето на германскиот министер во Македонија, со цел по неформален пат да ја поткопа официјалната позиција на својот канцелар“, пишуваат тројцата автори, според кои, дури и министерот за финансии Волфганг Шојбле требало да го праша Курц дали Меркел веќе се заблагодарила.
Курц со својата Австриска народна партија победи на парламентарните избори на 15 октомври и од претседателот Александар ван дер Белен го доби мандатот за формирање Влада.





