Поповски: Ако се блокираат преговорите со ЕУ, Албанија ќе ги привлече Албанците од РМ и може да избувнат воени жаришта!

 „Продолжената блокада на преговорите со ЕУ неминовно прави притисок за раздвојување од Албанија, која со својот исчекор кон ЕУ ќе зајакне како точка за привлекување на Албанците од Македонија. Намерно, или ненамерно, со нашата блокада на преговорите се вклопуваме во агендата на Руската Федерација за Западниот Балкан, која цели кон оддалечување на државите-кандидатки од членство во ЕУ и кон подгревање на локалните национализми. Од тие локални национализми лесно може да настанат нови, па и воени жаришта, а можеби и фаќање руска страна во тековната војна во Украина, која утре може да прерасне во војна со Западот.“ – тврди Тони Поповски, архитект и магистер по  политички науки, како и прв министер за животна средина и просторно планирање, во својата колумна со наслов „За потценетите геополитички околности може да платиме сериозна цена“, која ја објави весникот „Слободен печат“.



Покрај другото, натаму Поповски пишува: Развојот на настаните во опкружувањето е загрижувачки и во услови на повеќекратна криза со сите поврзани опасности се наметнува потребата за уште поголема внатрешна умереност и консолидација наспроти зајакнување на стремежите кон многу поголема поларизација, која ја поттикнуваат и надворешни чинители. Не е момент за приоритетно задоволување лични или групни интереси, а потоа гасење пожари, кои можат да се пречуваат, туку е момент за ефективна заштита на нашиот национален и државен интерес.

Претстојните претседателски и собраниски избори кај нас имаат специфична историска тежина, можеби и најмногу поради зовриените геополитички околности во кои треба да се одржат. Овие избори се можност за потврдување на воспоставените стратегиски партнерства со ЕУ и САД и за забрзано доодување на стратегскиот пат кон полноправно членство во ЕУ, што осигурува внатрешна стабилност и надворешна безбедност, а со нив и социоекономска стабилност и одржливост.

Но, може да биде извршен избор, кој ја критикува сегашната владејачка коалиција за понизност, коленичење, вазалство, за сервилност и полтронство кон Западот преку стратегиските партнерства. Овој избор нуди поголем суверенизам под паролата „Македонија повторно горда“ заедно со продолжена блокада на преговорите со ЕУ, придружена со неизвесно повторно преговарање за рамката за преговори и Договорот со Бугарија, па сѐ до понагласена неутралност. Но, нашата држава е полноправна членка на НАТО.