Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за правда Игор Филков денеска попладне ќе имаат средба со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
Како што соопштија од владината прес-служба, средбата е закажана за во 17 часот во просториите на Владата, а по нејзиното завршување предвидено е премиерот да даде изјава за медиумите.
„Средбата доаѓа по многубројните забелешки за работата на Судскиот совет, ниската доверба и отворениот повик на Владата и премиерот Мицкоски за предлози за реформи во Судскиот совет“,се вели во најавата од Владата.
Премиерот Мицкоски досега во повеќе наврати ја реафирмираше идејата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Вели дека таквата определба е вградена во програмата со која ВМРО-ДПМНЕ настапи на изборите, a тоа за него претставува обврска бидејќи огромно мнозинство граѓани гласале за такво решение.






