Прашањето „Колку сме и дали сме токму“ останува да виси како отворен проблем во Македонија што неретко служи како оружје за политичка пресметка или како закана во дебатите околу жешките меѓуетнички прашања, како што се случува и сега во расправите за потребата од проширување на употребата на албанскиот јазик.
Ветувањето на премиерот Зоран Заев, дадено на средба со претставници на Обединетата македонска дијаспора во Њујорк, дека попис ќе се одржи во 2019-та, влева надеж дека по пауза од речиси две децении во земјава ќе се спроведе оваа статистичка операција.
Пописот е болна тема и никој точно не знае колку жители има Македонија, особено по лицитирањето со бројки за наводно 600.000 иселени во последните десетина години или оние за 500.000 „фантоми“ кои наводно се наоѓаат на избирачкиот список.
Последниот попис на населението бил спроведен во 2002 година, а најавениот во 2011-та беше стопиран по колективната оставка на пописната комисина на 10 октомври таа година, иако подготовките биле започнати во 2008 година.
Која била вистинската заднина на прекинатото пребројување, дали и кому не му одговараше да се добие прецизна бројка на населението, остана предмет на шпекулација до денес
Според проценката објавена од Државниот завод за статистика во 2016, во Република Македонија има 2.072.490 жители, што е за педесетина илјади жители повеќе од состојбата во 2002 кога со попис биле констатирани 2,022,547 жители.
Македонија е единствена држава во Европа која ја нема спроведено оваа статистичка , (а не политичка операција), подолго од една декада што е практика, но и препорака од Обединетите нации пописните податоци да се објавуваат на крајот на секоја декада.
По Втората светска војна во Република Македонија се спроведени осум пописи – во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.
Што би рекле, рачно и на терен.
Срамно е што во 21 век и при сета комјутерска техника, но поради политика, во Македонија не може да се организира пребројување на жителите кои престојуваат во нејзините граници подолго од една година.
Само за споредба, први пребројувања на населението на овие простори се историјата бележи дека пописи правеле Вавилонците (3,800 години пред наша ера), старите Грци, Египќаните, Евреите, Кинезите, Римјаните…
Првиот модерен попис бил спроведен на француската територија во Канада во 1665-1666 година.
Ние сега малку доцниме…





