Помина интерпелацијата за Даути, ДУИ обвини за уривање на Охридскиот договор

Со 61 глас „за“, 22 против и ниту еден воздржан, Собранието ѝ изгласа недоверба на Илире Даути, со што таа повеќе нема да биде претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.



„Ова е јасна порака дека Албанците во оваа држава сè уште се сметаат за граѓани од втор ред и оти нивната жртва за еднаквост никогаш нема да биде признаена од власт што е заробена во минатото. Ги повикуваме сите Албанци да останат смирени, но да не ја прифатат оваа неправда со молк. Охридскиот договор е темелот врз кој се изградени мирот и стабилноста во оваа земја и секој обид за негово уривање претставува закана за нашата заедничка иднина. Секој што денес мисли дека може да ја избрише историската вистина и да ја врати логиката на етничка доминација, треба да знае дека ќе се соочи со силна реакција на Албанците“, се вели во реакцијата од Мала Речица.

Интерпелација на Даути побара Левица, а ја поддржа владејачкото мнозинство. Причината е блокирањето на расправата на Комисијата за предлог-законот за бранители, сметајќи дека тие треба да бидат израмнети со припадниците на ОНА.

Покрај таа на Даути, на дневен ред на Собранието се и интерпелациите за работата на четворицата членови на Владата – вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.