Четворица Македонци по потекло ги бранат боите на фудбалската репрезентација на Австралија до 20 години, која стартуваше со победа од 2:0 против Авганистан во Абха, Саудиска Арабија, на квалификацискиот турнир за Азиското првенство 2025 во Кина.
Во почетниот состав на „кенгурите“ против Авганистанците беа десниот бек Кејни Размовски, централниот дефанзивец Зак Лизолајски и напаѓачот Џејк Најдовски (на фотографијата), а на клупата остана резервниот голман Даниел Грашкоски.
Потекло од Македонија има и центарфорот Арјон Сулемани, кој исто така не влезе во игра, а беше во составот.
Австралија денеска го победи и аутсајдерот Макао со 2:0, во петок ќе ги одмери силите со Палестина, а в недела е дуелот со домаќинот Саудиска Арабија.






