Полициите на РМ и Косово уапсија осомничен дека фалсификувал и пуштал стотици илјади монети од 2 евра во оптек во Косово

„Поради регистрирани неколку случаи на пуштање во оптек на фалсификувани пари во Косово, Специјалното јавно обвинителство на Косово заедно со Секторот за истражување економски криминал и корупција во косовската полиција, со поддршка на други истражни и разузнавачки органи во Косово, од 2023 година започнаа повеќе активности насочени кон спречување на дистрибуцијата на фалсификувани пари, особено евра на косовскиот пазар, со што се нарушуваше пазарот и јавниот интерес.“ – објави ТВ 21.

ТВ 21 пишува: Како резултат на овие активности, започна голема меѓународна истрага во рамките на која беше формиран Заеднички истражен тим меѓу Косовското специјално обвинителство и Основното јавно обвинителство во Скопје. Во спроведување на активностите на истражниот тим беа вклучени претставници на Истражниот центар на Основното јавно обвинителство во Скопје, на Одделот за борба против организиран и сериозен криминал, Единицата за финансиски криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и на Директоратот за економски криминал при Косовската полиција.

Работејќи заедно, тие реализираа операција, во која на 4 август во Косово беше уапсен еден државјанин на Република Македонија, за кого постои сомнеж дека произведувал и пуштал во оптек во Косово стотици илјади фалсификувани метални евромонети во номинална вредност од по 2 евра. Во исто време во Скопје беа извршени претреси на три локации, при што беа пронајдени и беа запленети машини за фалсификување евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали, потребни за изработка на монетите. Сите тие ќе бидат предмет на натамошно вештачење.

Според наредба на специјалниот јавен обвинител на Косово, македонскиот државјанин беше привремено задржан 48 часа. Потоа до надлежниот суд е доставен предлог за негово обезбедување во текот на постапката.