Политичари должат 1,5 милиони евра ако Антикорупциската комисија е ажурна

Политичарите не чувствуваат обврска по започнување и по завршување на своите мандати да го пријават сопствениот имот и да ги расчистат дилемите дали се збогатиле поради политички функции.



Во исто време дел од институциите се плашат или не сакаат да преземат мерки против непочитувањето на законските обврски од страна на политичарите.

Регистарот и базата за имотната состојба на функционерите при Државната комисијата за спречување на корупцијата 6 месеци по снената на власта е со бајати податоци.

Поради неажурно работење на Комисијата, не може да се види со колкав имот заминале претходните функционери, ниту пак се знае колкав имот пријавиле новите кога дошле на функција.

Ако ги пријавила овие прекршоци, по основ на глоба би можеле да се наплатат скоро 1,5 евра, објави Македонскиот центар за меѓународна соработка кој ја следи работата на Антикорупциската комисија.

МЦМС во последниот тримесечен мониторинг (јули-септември) укажува дека ДКСК се уште не изготвила извештај за финансирањето на политичките партии за ланските избори во декември, а не се спроведува ни Законот за укажувачи.

Истражувањето и специјалното видео на оваа тема го изработиле новинарката Маја Јовановска, Институтот за комуникациски студии во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка.