Борбата за егзистенција во последно време ги принудува не само младите, туку и цели семејства да го напуштат родното место и да се преселат во странство. Во нашата земја живеат сиромашно над 33.000 семејства. Па така, цели семејства се соочуваат со сериозни предизвици – од трендот на иселување до социјалните и економските проблеми што директно влијаат на стабилноста на семејството, пренесе Алсат. Иселувањето во странство сè уште продолжува, а младите сè почесто велат дека својата иднина ја гледаат надвор од државата, често оставајќи ги родителите сами. Според социологот Мурат Алиу, за да се подобри состојбата, неопходни се структурни и сеопфатни реформи.

- „Миграцијата во последните десет години, според анализите, не се должи само на економски причини, туку и на животниот стандард и квалитетот на државните услуги. Станува збор за еден вид миграција што е резултат и на лош квалитет на животот, недостаток на квалитетно образование, здравство, немање правна држава итн. Со други зборови, потребни се структурни и сеопфатни реформи за да се запре одливот на мозоци од земјата“, рече Мурат Алиу – Социолог .
Додека трендот на иселување на младите продолжува, бројот на новороденчиња опаѓа од година во година. Според Државниот завод за статистика, наталитетот во земјава е еден од најниските во регионот. Во 2023 година, имало само 8,9 раѓања на 1000 жители.

- „Овие проблеми не се нови за нашето општество или за семејството како една од основните ќелии на општеството. Тие се поврзани и со глобалната економска криза и продлабочувањето на јазот меѓу високите и ниските социјални слоеви, односно исчезнувањето на средната класа – тренд што е глобален, но особено изразен кај нас, каде што социјалните политики не се доволно стабилни, а социјалдемократијата не е доминантна идеологија во општеството“, додаде Мурат Алиу – Социолог.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната возраст на мајките при раѓање на првото дете постојано се зголемува и веќе ја надминува 28-годишната граница. Стапката на разводи расте, со речиси 2000 случаи годишно, а околу 25% од децата во земјава живеат во семејства изложени на ризик од сиромаштија./Алсат.мк






