Меѓународниот ден на човековите права 10 декември го искористија музичари, роднини, пријатели на Игор Дурловски, познати и непознати луѓе од цел свет, за да му изразат поддршка на притворениот македонски оперски пејач од светски глас.
„Фејсбук“-групата за поддршка „Правда за Игор Дурловски“ побара од поддржувачите да испратат фотографија на мејлот durlovski@gmail.com
„Во почетокот на месецов, декември 2017, македонскиот оперски пејач од светска класа Игор Дурловски, заедно со повеќемина добро познати уметници во регионот беа уапсени, притворени и означени како ‘терористи’. Апсењето беше политички мотивирано бидејќи тој зборуваше против сегашниот режим. Игор Дурловски е обвинет дека е еден од организаторите и сторителите на настаните од 27 април, бидејќи ѝ се придружил на толпата што веќе била во македонскиот парламент два часа порано и за пеење на македонската химна и на народни песни внатре. Видот, должината и условите на неговиот притвор очигледно не се пропорционални на кривичното дело за кое е осомничен.
Денес, Ден на човековите права, љубезно ве замолуваме, без разлика дали сте поединец или организација, да дадете поддршка на нашата кампања со ваше фотографирање со напишана порака ‘Правда за Игор’. Тоа ќе ни помогне за да ги запознаеме властите во Македонија со тоа дека уметниците не треба да бидат затворани и обележани како терористи за нивниот слободен говор против македонскиот режим.
Повеќе групи и поединци веќе се приклучија на нашата кампања и се надеваме дека вашата поддршка и пет минути од вашето време ќе помогнат да се развие подобра демократија во Македонија и во целиот балкански регион“, стои во постот.
Одзивот е голем, па групата за поддршка е затрупана со фотографии со барање правда за Игор од разни страни на светот: Велика Британија, Италија, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија.
Неговата сестра Наташа вчера организира протест на плоштадот „Трафалгар“ во Лондон.
Со барање за ослободување на еден од фронтмените на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, излегоа и група граѓани во Битола.
„ПРАВДА ЗА ИГOР ДУРЛOВСКИ! Вo пресрет нa светскиoт ден нa чoвекoвите прaвa битoлчaни сo симбoличен гест вo знaк нa пoддршкa нa свoјoт сoгрaѓaнин. #durlovski“, напишаа тие на „Фејсбук“.
„Се надевам дека навистина ќе има правда во оваа наша Македонија“, напиша на својот профил на „Фејсбук“ баритонот во Македонска опера и балет, Марјан Јованоски, врз заедничката фотографија со Дурловски.




