Поглед од Србија: Македонија оди во НАТО одрекувајќи се од себе

Покрај огромниот број медиуми не само од регионот што се занимаваат со најавите за драматични промени во Македонија, утрово дури и на српската телевизија Пинк, на која политичките теми ѝ се спорадична понуда, можеше да се види и слушне размислување за тоа, а повод беше донесувањето на Законот за употреба на јазиците.



„Македонија оди во НАТО така што се одрекува самата од себе. Таа ќе може во НАТО кога ќе го урне центарот на Скопје. Таа ќе влезе во НАТО кога сите табли ќе ги напише двојазично. Во земјата каде што Албанците сочинуваат дваесетина отсто од населението, Македонија станува двојазична земја за да влезе во НАТО“, изјави Драган Вучиќевиќ, сопственик и главен уредник на весникот „Информер“. „Јас не реков дека Македонците се потомци на античките Македонци, тие го тврдат тоа сами за себе. Тие мораат да го променат името на својата држава за да влезат во НАТО“.

Тој им посака на Македонците, но и на Србите во Македонија, сè најдобро, но се плаши дека нема да им биде така.

„Големо прашање е за што гласаше народот во Македонија. Листата што доби најмногу гласови од Македонците е во дебела опозиција, таа доби најмногу гласови воопшто на изборите. А потоа, со постизборен инженеринг, втората македонска партија според силата, по режија и со притисок однадвор, направи влада со албанските партии“, објасни првиот човек на таблоидот што кратко време по излегувањето во 2012 година достигна рекорден тираж.

Уредувачката политика на „Информер“ често се поврзува со владеачката Српска напредна странка (СНС) на претседателот Александар Вучиќ.