Властите на Косово вчера му забранија влез во земјата на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј.
Канцеларијата на Косово во владата на Србија соопшти дека челникот на српската црква во понеделникот тргнал кон Косово за да учествува на Светиот архиерејски синод на СПЦ во Пеќската патријаршија, но кога стигнал до преминот „Мердаре“ бил спречен да влезе на косовска територија поради забраната наложена од Приштина.
„Српскиот патријарх, господин Порфириј, секогаш, во секоја прилика и на секое место, со своите пораки, нежни зборови и постапки повикуваше на мир и соживот на Србите и Албанците на просторот на Косово и Метохија. За жал, овие се вредности и пораки кои денес никој во Приштина не ги разбира“,се вели во соопштението од Канцеларијата.
Косовските власти соопштија дека такви посети нема да бидат дозволени сè додека „Србија продолжи да го прекршува Бриселскиот договор, не дозволува посети на косовските државни функционери во Србија и не ги прекине кампањите против Косово во меѓународната арена, и во процесот на интеграција и во процесот на препознавање“.






