Поскапува секојдневната живеачка. Постојано се зголемуваат трошоците а џепот станува се поплиток, во очи на празниците. Пресметките на синдикатите покажаа дека минималната синдикална кошница за декември е повисока за над осумстотини денари отколку во ноември. Над 1.000 евра потребни за да се истурка месецот, а за семејствата со кирија трошоците се многу повисоки.
Синдикалната минимална кошничка со која се пресметуваат трошоците за живот во месец декември споредбено со месец ноември зголемена е 840 денари. Само за храна на едно четиричлено семејство му се потребни над 23 илјади денари, додека во однос на претходниот месец трошоците за храна се зголемиле за 397 денари.

Потребни се мерки, мора да се запрат трговците велат од Сојузот на синдикатите на Македонија. Додаваат дека трговците повторно го искористија перодот кога се најавуваше акцијата за да ги зголемат цените и да се богатат на грбот на работниците. Бараат подолгорочни мерки.
- „Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец декември 2024 година изнесува 62.861,00 денари, споредена со вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец ноември 2024 год. која изнесува 62.021,00 денари е зголемена за 840,00 денари. Со изнајмен стан од 60 м2 за месец декември изнесува 78.236,00 денари“, велат од Сојуз на синдикати на Македонија.
Граѓаните велат дека цените се вртоглави, храната станува луксуз. Додаваат дека со новата акција новогодишна кошничка ништо не може да заштедат. Наспроти потрошувачите, заменик министерот за економија вели синдикатите се партнери во акцијата за следење на цените.

- „Сите замерки кои ќе бидат посочени од страна на синдикатите и организацијата на потрошувачи, и пред се на граѓаните ќе бидат прифатени и во секоја наредна мерка се она што сме утврдиле дека е негативно од претходно ќе биде прифатено и усвоено“, вели Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд
Тој уверува дека пазарните инспектори се постојано на терен и ги проверуваат цените. Тврди дека веќе се изречени опомени, а натаму може да се пишуваат и казни.

Пред само неколку дена Државниот завод за статистика измери повисока инфлација која во однос на лани и изнесува 4,3%. Со претходната кошничка надлежните тврдеа дека домаќинствата заштедија, но граѓаните во анкетите беа едногласни дека поевтинувањето е незначително, а кај некои производи во есенската кошничка воопшто го немало. Инаку, „Новогодишната кошница“ стапи на сила на 15 декември и ќе трае до 15 јануари 2025 година.





