Во напад врз објект на Обединетите нации во Појасот Газа што се случи на 19 март, повреден е македонски државјанин.
Информацијата за Дојче веле ја потврдуваат од македонското Министерство за надворешни работи. Повредениот е пренесен на лекување во Израел и неговата состојба е стабилна.
„Здравствената состојба на повредениот македонски државјанин е стабилна и тој е надвор од животна опасност“, велат од македонското МНР, од каде не соопштуваат повеќе детали околу идентитетот на повредениот и неговиот професионален ангажман во ОН.
Министерството, преку македонската Амбасада во Тел Авив, е во постојана комуникација и останува на целосно располагање на повредениот македонски државјанин.
При нападотна објектот на ОН во Деир Ал Бала загина бугарски државјанин.
Информацијата претходно ја потврди и портпаролот на ОН, Стефан Дујарич, на редовниот брифинг со новинарите, кој рече дека нападот на нивниот објект во Деир Ал Бала на 19 март бил предизвикан од израелска тенковска граната.
Шестмина повредени се од Франција, Молдавија, Македонија, Палестина и Обединетото Кралство биле потешко повредени.
„Локацијата на овој објект на ОН им беше добро позната на страните во конфликтот“, рече тој, истакнувајќи дека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побарал „целосна, темелна и независна истрага“.
Обединетите нации во понеделникот соопштија дека го намалуваат бројот на меѓународниот персонал во Газа за околу една третина, односно ќе бидат повлечени околу 30 од околу 100-те лица кои се во составот на меѓународниот персонал во моментов во Газа.






