На 31-годишнината од своето деби на меѓународната сцена во Крањ, фудбалската репрезентација на Македонија е на прагот на уште еден историски успех – пласман во дивизијата Б од Лигата на нациите во сезоната 2026/27 благодарејќи на победата од 2:0 над Ерменија во Ереван.



Со головите со лева нога од Бојан Миовски во 72. минута по асистенција од Исник Алими, кој и самиот погоди во 85. минута, „црвено-жолтите“ првпат во својата историја врзаа три победи без примен гол и се зацврстија на врвот во групата 4 од дивизијата Ц со 10 бода.

Засега второпласираните Ерменци со 4 бода се отпишани поради полошиот скор во меѓусебните дуели, единствена со теоретски шанси да ѝ ги расипе сметките на Македонија е Летонија, која во вечерашното гостување кај Фарски Острови влегува со 3 бода.

На избраниците на селекторот Благоја Милевски на рака им оди и тоа што во завршницата во ноември во Скопје ги пречекуваат Летонците, кои во четвртокот ги совладаа со 3:0 во Рига, како и Фараните, со кои ремизираа 1:1 на стартот во Торсхавн.