Екстремно десничарската Партија на слободата (FPÖ), победи на вчерашните избори во Австрија, што претставува прв пат по Втората светска војна, партијата која влече корени од нацистичката идеологија да освои најмногу гласови на национални избори.
На чело со Херберт Кикл, кој доби поддршка поради лошата економија и загриженоста дека Австрија ги прима имигрантите побрзо отколку што може да ги интегрира, FPÖ освои околу 29 отсто од гласовите – рекорден резултат што може да и даде на партијата платформа да ја води следната влада.
„Ова ја отвори вратата за нова ера“, изјави шефот на партијата Херберт Кикл по објавувањето на првите резултати.
FPÖ ќе има околу 56 од 183 места во парламентот, додека конзервативците би добиле 52, а социјалдемократите 41 место.
Генералниот секретар на FPÖ, Михаел Шнедлиц, рече дека „мажите и жените во Австрија ја напишале историјата“, но одби да каже за каква коалиција ќе се обиде да преговара неговата партија.
Кикл мора да најде партнер за да формира стабилна коалиција, но тоа, речиси е невозможна мисија.
Лидерка на РН е Марин Ле Пен, изрази задоволство од победата, велејќи дека тоа е показател дека таквите партии напредуваат.
„По изборите во Италија, Холандија и Франција, овој бран, кој ја поддржува одбраната на националните интереси, зачувувањето на идентитетот и воскреснувањето на суверенитетот, го потврдува триумфот на народот насекаде“, напиша Ле Пен во објавата на X.
Победата на евроскептичната FPO може да донесе поделби во Европската унија кога станува збор за областа на надворешната политика поврзана со поддршката за Украина против инвазијата на Москва во таа земја.
FPO, која беше основана во 1950-тите од поранешни членови на СС и други нацистички ветерани, се кандидираше на овие избори на платформа против странците, ветувајќи дека ќе изгради „тврдина Австрија“ за да ги спречи мигрантите.
Кикл им вети на гласачите дека ако му ја дадат победата, тој ќе служи како нивен Volkskanzler, или „народен канцелар“, прекар што го користел Адолф Хитлер.






