Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA), Меѓународниот кривичен суд (МКС) и шефот на Обединетите нации Антонио Гутереш се меѓу фаворитите за овогодинешната Нобелова награда за мир, пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на мислење на експерти.
Но, норвешкиот Нобелов комитет би можел, сепак, да направи целосно изненадување на 11 октомври и – воопшто да не ја додели наградата.
Меѓу предложените за „Нобеловата за мир„ е рускиот дисидент Алексеј Навални, кој почина во казнената колонија на Арктикот во февруари, како фаворит за освојување на овогодинешната награда. Сепак, тоа не е можно бидејќи тој не може да ја добие наградата постхумно.
Друг фаворит е украинскиот претседател Володимир Зеленски. Сепак, тој најверојатно нема да ја добие наградата бидејќи е лидер на земја во војна.
Наместо тоа, бидејќи 2024 година е обележана со ескалација на војната меѓу Израел и Хамас, третата година од конфликтот во Украина и крвопролевањето во Судан, во кои се раселени повеќе од 10 милиони луѓе, Комитетот може да одлучи да се фокусира на хуманитарните актери кои помагаат да се ублажат страдањата на цивили.
„UNRWA може да биде еден таков кандидат. Агенцијата прави исклучително важна работа за палестинските цивили кои ги доживуваат страдањата од војната во Газа“, рече Хенрик Урдал, директор на Институтот за истражување на мирот во Осло.
Сепак, наградата за UNRWA би била контроверзна, рече тој, со оглед на тврдењата на Израел дека дел од персоналот на агенцијата бил вклучен во нападот на екстремистичката група Хамас на 7 октомври 2023 година против јужен Израел што ја предизвика војната во Газа.
Некои земји го суспендираа финансирањето на организацијата како резултат на наводите.
UNRWA тврди дека Израел се обидува да ја распушти организацијата. Агенцијата, формирана во 1949 година по војната за воспоставување на Израел, обезбедува хуманитарна помош за милиони Палестинци во Појасот Газа, Западниот Брег, Јордан, Сирија и Либан.
Тајната петчлена комисија за доделување награди, назначена од норвешкиот парламент, може да одлучи да се фокусира на потребата од зајакнување на меѓународниот светски поредок изграден по Втората светска војна и нејзината највисока институција, Обединетите нации.
Тоа може да значи награда за нејзиниот генерален секретар, Антонио Гутереш, вели Асле Свен, историчар на Нобеловата награда за мир.
Можно е Комитетот да одлучи никој да не ја добие наградата – нешто што се случило 19 пати – последен пат во 1972 година.
„Можеби ова е годината кога Комитетот за Нобеловата награда за мир треба само да одбие да ја додели наградата и да се фокусира на фактот дека ова е планета во војна“, рече Ден Смит, шеф на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм.






