На денешен ден, на 9 декември во 1943 година кај селото Бараково, по патот за Горна Џумаја, во Пиринска Македонија, денес во Бугарија, бугарската војска и полиција го убила Никола Парапунов, македонскиот револуционер и национален деец за ослободување и обединување на Македонија, човекот кој ја формирал Разлошката партизанска чета на 26.6.1941 во Пиринска Македонија – првата оружена сила против фашизмот во Балканот.
Првата антифашистичка оружена активност во Балканот воопшто била организирана на 26 јуни 1941 година во околината на Разлог, во Пиринска Македонија, каде што Никола Парапунов ја основал првата партизанска чета на територијата на тогашна Бугарија, која веќе стапила во сојуз со фашистичка Германија на Адолф Хитлер. На тој начин Пиринска Македонија, како дел од Царството Бугарија, најрано и најпрва го крева својот глас за ослободување и обединување на Македонија. Во Пиринска Македонија ќе се случи и првата оружена битка против бугарската фашистичка војска и воопшто првиот оружен судир со фашистичките окупациски војски во Балканот. Организаторот на првото антифашистичко движење во царска Бугарија, македонскиот национален деец и револуционер Никола Парапунов – Владо е истакнат организатор и раководител на партизанското антифашистичко движење во Пиринскиот дел на Македонија.
Парапунов е роден во Разлог на 1 јули 1909 година. Во Разлог работел и соработувал со тогашната ВМРО (Обединета). Во 1931 година станал член на Бугарската комунистичка партија, а во 1932 и член на окружното раководство на Бугарската комунистичка партија во Петрич. Поради своето дејствување како комунист бил уапсен во 1933 година и бил осуден на затворска казна, која ја одлежал до 1941 година. Тој и во затворот раководел со кружоци и одржувал предавања за македонското национално прашање. По излегувањето од затворот прешол во илегала. На 26 јуни 1941 година ја формирал Разлошката чета, првата оружена партизанска формација во Пиринска Македонија. Бил командир на Разлошката партизанска чета и командир на Четвртата Горноџумајска востаничка оперативна зона.
По основањето на Отечествениот фронт во 1942 година Никола Парапунов работел за развој на неговите структури во Пиринска Македонија. На почетокот од 1943 година Парапунов станал член на ЦК на БКП. Но, дошол во судир со Централниот комитет на Бугарската комунистичка партија околу прашањето за оружената борба, зашто се застапувал за заедништво на партизанските движења од трите дела на Македонија и за нејзино обединување. На 9 декември 1943 година Никола Парапунов загинува кај месноста Сува Чешма, во близина на селото Бараково, по патот за Горна Џумаја во борба со бугарската војска и полиција, откако упаднал во нивна поставена заседа.
По неговата смрт Разлошкиот партизански одред го понесува неговото име, а македонскиот народ ја испеал за него песната „Имала мајка едно ми чедо“: „Имала мајка едно ми чедо / едно ми чедо Никола. / Очите ѕвезди, лице трендафил, / левенто чедо крилато. / Ееееј Никола, / ееееј јунак пирински. / Му здодеало од чорбаџии, / од клето ропство фашистко. / Тргнал Никола в бој да се бие / за наша мајка Македонија. / Ееееј Никола, / ееееј јунак пирински. / Дигнал ми глава херој Никола / за правда и за слобода. / Тргнал Никола в бој да се бие / за наша мајка Македонија. / Ееееј Никола, / ееееј јунак пирински.
Тој е опеан и во народната песна „Темен се облак зададе“. Основното училиште во село Драгобраште, во општина Виница, денес го носи неговото име „Никола Парапунов“.
Користени извори: „Македонска нација“, Википедија





