Пет полициски началници кои важат за блиски на екс министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се осомничени дека спречиле откривање на кривично дело сторено со пушка која била откриена од полицијата.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, постапувајќи по пријава во врска со извршена тешка кражба врз возило управувано од страна на полициски службеник во која е украдена пушка нискокалибарка, доделена на сегашниот дополнителен заменик началник на СВР Скопје, констатираше дека се направени низа прекршувања во полициската постапка, откри попладнево техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
Полициските службеници од Единицата за недозволена трговија – Дрога и Оружје не поднесле кривична пријава и покрај тоа што за пушката имало основано сомнение дека е предмет на сторено кривично дело, потоа не биле извршени минималните проверки, не е известен надлежен јавен обвинителен и истата не била дадена на вештачење.
Притоа според Тошковски полициските службеници не констатирале прекршок и не била поднесена прекршочна пријава против лицето кое во тој момент било началник на Секторот за внатрешни работи Скопје.
Во насока на целосно расчистување на настанот, против полициските службеници – началник на ЕНТ, Началник на одделение за ЕКР, главен инспектор во ЕНТ, самостоен инспектор за имотни деликти во Центар и Бит Пазар и виш инспектор во ЕНТ поднесена е иницијатива за поведување дисциплинска постапка.






