Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија ка јазни Шкендија со пет натпревари како домаќин без публика и 5.000 евра за скандалозното однесување на нејзините навивачи на натпреварот против Брера во понеделникот, кога за време на минутата молк за настраданите во Кочани скандираа и пееја песни за ОВК.
Домаќинот на натпреварот од 25. коло од Првата македонска фудбалска лига дополнително е казнет и со 1.000 евра за спречување на официјален снимател да ја извршува својата работа.
Делегатот Гоце Шоповски од Струга, пак, суспендиран е на шест месеци од извршување на каква било функција во фудбалот поради непочитување на пропишаните организациски протоколи. Тој не презел потребни дејствија во врска со однесувањето на навивачите и не постапил според протоколите за организација на натпревари, кои предвидуваат и празнење на трибината во вакви случаи.
„ФФМ во вакви или слични случаи нема да биде толерантна кон ниту еден клуб и очекува максимална одговорност од сите клубови и официјални лица“, порачаа од македонската „куќа на фудбалот“. „Расистичко, националистичко или било каков облик на дискриминаторско навивање нема да се толерира и ќе биде строго санкционирано согласно важечките регулативи“.






