На 2 јуни 2019 година ракометарите на Вардар вторпат седнаа на европскиот трон, триумфирајќи на завршниот турнир од Лигата на шампионите во Келн, каде што во финалето го совладаа Веспрем со 27:24, откако во полуфиналето беа подобри од Барселона со 29:27.
Иако само трети во групата во која токму Барса и Веспрем завршија пред нив, плус со значително послаб состав од тој што две сезони претходно ја освои ЛШ и во тешка финансиска криза, „црвено-црните“ ја испишаа една од најубавите страници во историјата на македонскиот спорт, но и на ракометот воопшто.
Средниот бек Игор Карачиќ беше прогласен за МВП на фајналфорот, а во идеалната седморка се најдоа голманот Дејан Милосављев, левото крило Тимур Дибиров, десното крило Иван Чупиќ и десниот бек Даинис Криштопанс.





