Петарди – опасна забава, исходот може да биде фатален

Лошо им се пишува на сите што ќе пукаат петарди за Нова Година. Во пресрет на празниците докторите апелираат на голема внимателност, посебно помладите. Превентивните кампањи се клучни, за на граѓаните да им се укаже за можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства. Иако до новогодишните и божиќните празници има уште неколку дена, на улиците веќе сега може да се слушне пукањето на петарди и на слични експлозивни направи, кои главно ги фрлаат децата.



Малите деца не се свесни дека со тоа го загрозуваат своето здравје, затоа лекарите апелираат до родителите да не им купуваат петарди „заради забава“. Објаснете им на децата дека петардите не се играчки и дека можат да им остават трајни последици. Поради неправилното ракување и невнимание може да дојде и до посериозни повреди и изгореници на лицето, рацете или очите, како и до оштетување на слухот. Обично станува збор за поблаги повреди како исеченици, гребнатинки и изгореници од полесен степен, но за жал, има и посериозни повреди, кога страда кожата, рацете, прстите, ушите, односно слухот, лицето и очите.

Особно се опасни експлозивните направи кои децата сами ги прават. Тоа се најчесто стаклени шишиња во кои децата ставаат експлозив и тогаш ги активираат на одредена оддалеченост. Бидејќи доаѓа до распрскување, тоа може да доведе до уште потешки повреди од стакло. Сите овие повреди можат да бидат исклучително сериозни, многу болни и бараат секојдневни преврски и одење кај лекар, а некои можат да предизвикаат трајни последици.

Во периодот од 1. јануари, заклучно со 30 ноември 2024 евидентирани се 25 кривични пријави со кои се откриени 25 кривични дела од овој домен, при што во рамки на истите запленети се над 52.000 парчиња петарди, 116 огномети и 166 пиротехнички ракети.