Големиот Гане Тодоровски во својот тестамент навел дека сака да биде погребан во селото Кожле, од каде што потекнуваат неговиот дедо и прадедо, пишува профилот Македонска поезија кој открива малку познати факти за македонските поети и писатели.
Гане Тодоровски пред смртта посакал да има мирен погреб, со поп, без големи надгробни говори, и дека задолжително сака да биде прочитана, наместо посмртен говор, неговата песна “Завет”, која ја напишал за тој ден.
👉 ЗАВЕТ
Овдека дечиња, овдека внучиња мои.
Ридјето кај што се гравали, дабјето кај што се рои,
Могилка малечка овдека нека ми стои.
Могилка молковна: два-три миловидни бреста –
Налик на клепала, за да ја разнесат веста
Дека на некојси овдека гласот му престанал…
Грска темјанушки, ко што е редно, да ‘ртат,
Колку на минувачите погледот да им го свртат
И да им приспомнат троа-од-троа за смртта.
Кожле да вишнее. Вардар со рикот да рика,
Полногласно од врутока до утока да вика.
Одоколу да тече време македонско, да блика…
Могила што ќе ја молитват ветројне планински,
Камен, со неколку галежни зарешки кирилски,
И – едно нашинско презиме, со златно крајче на СКИ!





