Христијан Пендиков, секретар на избришаниот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, не бил физички нападнат од омраза поради тоа што се чувствувал Бугарин, како што тврдеше тој, а неговите напаѓачи, охриѓанецот Илија Спасески и битолчанецот Борче Ангелов, добија по осум месеци затвор.
Судот смета дека мотивот за извршување на делото од омраза на национална основа не е релевантен, ниту докажан и го отфрли, објаснил за бугарските медиуми застапникот на Пендиков, Стефан Камишевски.
Ова е епилогот од речиси двегодишниот процес во Основниот суд во Охрид за нападот врз Пендиков и нанесените тешки телесни повреди на 19 јануари 2023 година, што дополнително ги влоши македонско-бугарските односи. Тој беше префрлен на лекување во Софија, кадешто го посети и тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
По излекувањето Пендиков доби државјанство на Бугарија.






