Пендаровски: Утре е нов ден, тргнуваме од нула, нема да барам поддршка од противкандидатите во вториот круг

Стево Пендаровски, кој во својата трета претседателска трка „трча“ за втор мандат, очекувал помала негатива во однос на Гордана Силјановска-Давкова по првиот круг.



„Според пресметките на нашиот изборен штаб, разликата ќе биде околу 130 илјади гласови. Очекувавме помалку, но од утре е нов ден. Почнуваме со средби со граѓаните. Тргнуваме од нула. Имаше седум кандидати и тоа е една од причините што гласовите се разделија на повеќе страни. Ги охрабрувам граѓаните кои не излегоа да учествуваат во вториот круг. Многумина од нив не излегоа во првиот знаејќи дека во вториот се одлучува. Очекувам значително поголема бројка од граѓаните во вториот круг кои го препознаваат мојот концепт. Нема да барам никаков договор со ниту еден противкандидат за механичко префрлање гласови во вториот круг. Никогаш не сум правел такви договори“, рече кандидатот на СДСМ, кој освои над два пати помалку гласови од убедливата победничка по првиот круг Силјановска-Давкова.