На 18.4.2024 Гордана Силјановска-Давкова поднесла нова преставка до Државната изборна комисија, Комисијата за заштита од дискриминација, ОБСЕ – Организација за безбедност и соработка на Европа, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Мисија за набљудување на изборите (ЕОМ) при ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права, Националниот демократски институт, Хелсиншки комитет за човекови права.
Во преставката се констатира дека и покрај потпишаниот Кодекс за фер и демократски избори во периодот од 10 до 14 април 2024 г. различни лица вклучени во неговата кампања, вклучително и самиот кандидат Стево Пендаровски, го кршат Кодексот и предизвикуваат вознемирување и повреда на личното достоинство на Гордана Силјановска-Давкова, во согласност со член 10 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
,,Објективизација и потчинетост на мене како жена се забележува во:
– говорот на кандидатот за претседател Стево Пендаровски на митингот на СДСМ во Кавадарци на 10 април 2024 година: „Христијан Мицкоски да набави „џи-пи-ес“ за неговата кандидатка“;
– говорот на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на митингот на СДСМ во Општина Карпош – Скопје на 12 април 2024 година: – „Јас не ја кандидирав тетка ми Жана за претседател на држава, па да морам да ја шетам по цела Македонија“ ;
Дискриминација врз основа на пол, возраст и сексизам се забележува и во јавното обраќање на граѓанин на митинг на СДСМ во Куманово на 14 април 2024 година: „Од баба невеста не бидува“.
Ваквите изјави и однесување не се осудени од: кандидатот Стево Пендаровски, раководството на СДСМ, ниту, пак, од Форумот на жени на СДСМ; напротив од однесувањето на Ковачевски и Пендаровски овие постапки се одобрени и поттикнати со смеење, ракоплескање, и триумфално однесување.
Навредите и говорот на омраза и јавното демонстрирање на мизогинија се користат на митинзи и на други јавни настапи со цел да се влијае врз јавното мислење и да се предизвикаат реакции на исмејување од страна на присутните граѓани во толпата. Сето ова води кон поттикнување и охрабрување дискриминација и сексизам.
Со својата кампања Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, ги прекршува човекови права Гордана Силјановска-Давкова и повредува неколку одредби од Уставот за кои се образложува во преставката. Ги повикуваме медиумите будно да ја следат состојбата да комуницираат со домашните и меѓународните институции во врска со оваа преставка и нарушените права на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова”, се вели во информацијата од тимот на Гордана Силјановска Давкова.






