Пендаровски за Македонци да гнијат в зандани, Силјановска за национално помирување преку 27 Април

Откако вчера на интервју за Телма професорката Гордана Силјановска Давкова рече дека помилување на осудените за 27 Април е чекор кон национално помирување кој таа би го направила ако победи, денеска претседателот Пендаровски рече дека казните до 18 години затвор за осудените Македонци биле праведна сатисфакција.



Да биде апсурдот поголем Пендаровски денеска на темата се осврна во своето излагање на Меѓународната конференција „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“ во македонското Собрание.

Стево Пендаровски со тоа ја оправда актуелната претседателка на Уставниот суд Добрила Кацарска која ги осуди на долгогодишни казни луѓето од 27 април а потоа дел од пресудите паднаа во Стразбур и национални судови на земјите членки на ЕУ.

Упатувајќи сосема различни пораки од оние на неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски ја пофали Кацарска која на врвни американски универзитети се изучува како пример како не треба да се суди.

Предходно во 2021 година Пендаровски рече: ,,Јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи, што влегоа. Стануваше збор за она што едно време го правеше Југославија, го нарекувавме и години потоа го нарекувавме насилно рушење на уставниот поредок, значи не тероризам. Тие што физички напаѓаа луѓе си ги заслужуваат казните кои ги добија, оние кои што влегле во зградата на Собранието не можеш да кажеш дека се терористи”, изјави Пендаровски лани на 30.04.2021 година.

Вчера Гордана Силјановска Давкова истакна дека ако таа стане претседател на државата, ќе ги помилува осудените лица за насилството од упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

За разлика од Силјановска Давкова, Пендаровски денеска смета дека пресудите за 27 април се „праведна сатисфакција“.

„Се реферирам на одлуките што Уставниот суд ги донесе во последниот период во однос на трагичните настани од 27 април 2017 година што се случија токму во оваа зграда. Освен нападот кон нашиот демократски уставен поредок и насилството кон пратеници, нападнати беа и новинарските екипи кои известуваа од конститутивната седница на Собранието. Во обид да се спречи мирна транзиција на власта, насилна толпа организирана од структури на тогашната власт нападна новинари во обид да ги спречат да ја известат јавноста за случувањата. Вашите одлуки со кои утврдивте повреда на правото на слободно изразување на мислата се праведна сатисфакција, не само за нападнатите новинари, туку и за целокупната демократска јавност во нашата држава“, порача Пендаровски на конференцијата.

Конференцијата е организирана од Уставниот суд по повод 60 години од неговото основање