Претседателот и кандидат за уште еден мандат Стево Пендаровски оценува дека руското влијање во земјава во изминативе две години ( и по инвазијата во Украина), не е на нивото на кое беше во септември 2018 година, за време на одржувањето на „референдумот“ против промената на името со преспанскиот договор.



„И најголемо руско влијание, изминативе 10-тина и кусур години, имавме за време на претседателските избори 2019, кога тие имаа јасен фаворит меѓу тогашните кандидати за претседател и беа јасно против мене, се разбира, како анти-руски наводно кандидат или прозападен, како велеа“, вели Пендаровски во интервју за Радио слободна Европа.

„Тоа не значи дека денеска немаме руско влијание, која доаѓа најмногу преку социјалните мрежи. Знаете дека во изминатава година имавме некои сериозни сајбер напади врз витални институциии, различни институции, дури кабинетот на претседателот во два наврата, врз банки, врз агенции кои имаат тие витални датотеки за македонските граѓани.

Меѓутоа, повторувам, тоа до сега не е на нивото како што беше 2018 и 2019 година“.

Пендаровски вели дека тоа руско влијание „може во наредниот период ќе се засили, како што ќе одиме и кон 8 мај, и кон вториот круг, решавачкиот круг, да го речам, и за претседателски и единствениот за парламентарни.

Но, дека постои – постои, дека тие имаат свои фаворити на политичката сцена кај нас, јасно е. Јасно е дека постојат проруски ориентирани политички партии во Македонија, како што имаме прозападни и проруски’ , вели тој за РСЕ.

Тој вели дека влијање или мешање на Русите и во изборниот процес постојат, „меѓутоа не на нивото на кое, до сега, до денес, кога зборуваме, на нивото на кое беше присутно 2019-та и особено за време на референдумот 2018-та, затоа што знаете, стратешка цел на Русија е ниту една нова држава да не влезе во НАТО Алијасата“.