Пендаровски гледа некои други анкети – граѓаните биле задоволни од неговата работа

Стево Пендаровски, актуелен шеф на државата, кој се трка за уште еден петгодишен мандат на претстојните претседателски избори во интервју за МИА вели дека зад себе има мандат без дамки и смета дека тоа го препознаваат мнозинството од граѓаните. Тој учествува на изборите, како што посочува, не само за да биде дел од трката, туку за да победи и појаснува дека ова го изнесува врз основа на реакциите кои ги добил од граѓаните, а не „врз основа на анкетите, кои ги спомнува господинот Мицкоски“. Вели реалните анкети покажуваат дека македонските граѓани во мнозинство се задоволни од она што се случувало во претседателскиот кабинет изминативе пет години.



Последните случувања во врска со обвинувањата на партијата што го поддржува СДСМ, дека ВМРО-ДПМНЕ нарачува и пласира лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, ги манипулира граѓаните и злоупотребува медиумите, на што ВМРО-ДПМНЕ одговори со најава за тужба, Пендаровски ги коментира како првите знаци на нервоза кај лидерот на главната опозициска партија.

А во врска со тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за фалсификување документ, зад кое стојат Ковачевски и Пендаровски, заедно со израелскиот медиумски стратег Асаф Еисин, Пендаровски вели дека тој нема поим за каков документ станува збор, ниту учестувал во такво нешто, ниту му паѓа на памет тоа да го стори, а за Израелецот вели дека го видел еднаш во животот и дека со него нема никаков договор.

-Прво, неспорно е дека претседателот е во таа смисла, во политичка смисла, послаб според надлежности и според реална политичка моќ во однос на владата, неспорно е дека премиерот е посилна политичка фигура независно од неговото име, независно од името на претседателот. Меѓутоа, постои во неколку витални сектори, на пример надворешна политика, одбрана и безбедност постои преклопување на надлежности и вам како на претседател ако знаете тоа да го правите, да го користите ви дозволува да се чуе вашиот глас и на крај во финалниот продукт дали е тоа закон или кадровско решение да имате и вие извесна помала или поголема партиципација. Значи, не е точно дека претседателот е само оној, кој аминува тоа што владата предлага и во однос на амбасадорите и во однос на некои други позиции во делот на одбраната и безбедноста вели Пендаровски.