„Новиот состав во Европскиот парламент и другите институции ќе има влијание врз проширувањето на ЕУ. Подемот на националистичките и популистичките партии низ Европа веројатно ќе предизвика застој во интеграцијата на земјите од Западниот Балкан, вклучително и на * Македонија. Програмите на овие партии главно се против миграцијата и насочени се за борба за зачувување на традиционалните вредности, за да не продолжи поткопувањето на националниот идентитет на овие земји.“ – пишува д-р Мухамер Пајазити, професор по евроинтеграции од државниот Универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Подемот на националистичките партии во Парламентот на ЕУ може да има последици и за Македонија и пошироко“, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.
Пајазити натаму пишува: Новата владејачка структура во ЕУ ќе се обиде да раководи, користејќи реална политика и зајакнување на суверенитетот на оваа наднационална организација. Нивната победа ќе има и геополитичко влијание, поради фактот што овие партии се против моќното влијание на САД во Европа и бидејќи одржуваат блиски врски со Русија и Кина.
Но, што ќе се случи со * Македонија?
Независно од изборите во ЕУ * Македонија се соочува со бугарското вето и со заострени односи со Грција, што може да предизвика и второ вето. Македонската партија ВМРО ДПМНЕ, апсолутниот победник на изборите, има стремеж да го одолговлекува овој процес колку е можно повеќе.
Неизгласувањето на уставните измени се оправдува со зачувување на националниот идентитет, додека оваа политика има поддршка и од македонското бирачко тело. Албанскиот политички чинител е главната одредница во овој поглед. Ако продолжи изолацијата на Македонија, тогаш Албанците може да разгледаат други опции. Тоа останува да се види?
Сепак, треба да се нагласи дека интеграцијата на Македонија не зависи само од решавањето на споровите со соседите. Според новата стратегија на ЕУ, земјите од Западен Балкан мора да ги завршат сите реформи дефинирани од Европската комисија.





