На денешен ден, на 23 јуни во 1943 година се самоубил истакнатиот македонски партизански командант и револуционер Тодор Ангелевски – Тошо Даскало при блокадата на неговото родно село Лавци, Битолско, од бугарската полиција и војска, која ја запалила плевната, во која се криел. За да не падне жив во рацете на окупаторите, тој се самоубил и изгорел во запалената плевна во Лавци. Поради револуционерната антифашистичка активност, Тодор Ангелевски, или Тошо Даскалот, од фашистичкиот окупаторски суд бил осуден на смрт во отсуство. Неговата глава била уценета со тогашни 200 илјади лева.
Тодор Ангеловски е македонски револуционер, комунистички деец, еден од организаторите и раководителите на Народноослободителното движење во Битолско. Тој е и еден од првите учесници во народноослободителната војна во Македонија. Роден е на 4 јануари 1910 година, или според други податоци на 16 јули 1908 година, во битолското село Лавци. Уште како ученик во Учителската школа во Прилеп, во друштво на напредната младина во тој град, Тодор Ангеловски се оформил како напреден младинец, иден напреден учител и револуционерен деец. Неправедните прогони и казнувања, социјалната беда на работните луѓе, корупцијата на власта и пљачкањето на обичниот народ во него ќе изроди отпор и подготвеност за организирано спротивставување. Во 1937 година станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ).
По завршувањето на Учителската школа Тодор Ангеловски учителствувал во Србија во Гниланската околија, а потоа во Македонија во селата Карбинци, Ѓавато (1936/37), Ротино и Цапари (1940/1941 г.). За време на своето учителствување тој бил во првите редови на напредното учителско движење во тогашна кралска Југославија. Како член на КПЈ од 1937 година, станал член и на Месниот комитет на КПЈ за Битола во 1939 година.
Во Втората светска војна како резервен поручник на Кралството Југославија, по нападот на Германија на 6 април 1941 година, со својата единица оружено ѝ се спротивставил на германската армија кај монополот во Битола. По 17 април 1941 година, кога капитулирала Југославија, како и по спроведената окупација и поделба на Југославија, напредните елементи и КПЈ започнале со подготовки за оружено востание. Тодор Ангеловски се вклучил во Народноослободителната борба уште истата 1941 година. Бил организатор и активен учесник во сите значајни настани од народноослободителната војна во Битола и Битолско од 1941 до јуни 1943 година.
Од почетокот на 1942 година бил во илегала и имал големи заслуги за формирање на битолските народноослободителни партизански одреди „Пелистер“, „Даме Груев“, „Јане Сандански“ и „Гоце Делчев“. Бил командант на здружениот одред „Даме Груев“ во 1943 година, командант на здружените одреди „Даме Груев“ и „Вичо“, член на Окружниот оперативен штаб и командант на Штабот на Втората оперативна зона.
Извори: „Македонска нација“, Википедија





