Парламентот во трка со времето за ребалансот и Зврлевски

Македонското собрание е во трка со времето за да може во законските рокови за да ги заврши седниците за ребаланс на буџетот и за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски по што пратениците ќе можат да одат на одмор а спикерот Џафери да ги распише локалните избори.



Владеачката коалиција најавува дека ако треба нема да се користи одморот за да не се случи Зврлевски да остане обвинител до октомври. За таа цел спикерот на Собранието може да ја искористи законската можност и да закаже седници во летниот собраниски распуст.

Последен рок за распишување на локалните избори е шести август а предходно претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за државната агенција МИА.кажа дека одморот на пратениците ќе почне од 4 август.

„Одморот на пратениците ќе почне од 4 август, а има можност да почне и од 6 август затоа што засега нема никаква иницијатива во однос на локалните избори и ако вака останат работите, 6 август е краен рок да ги распишам локалните избори и со тоа да почнат да течат роковите и организацијата во однос на локалните избори и потоа би работеле до почетокот на предизборната кампања до 25 септември“, изјави Џафери.

Една од опциите за да се исполнат роковите за привршување на преостанатите седници во кои допрва треба да се расправа за огромниот број на амандмани на опозицијата е спикерот да ги продолжи седниците и во текот на ноќта како што се случи 14 јули кога се расправаше за предлогот за завршна сметка на буџетот.