„Пари“: Европски реформи во Царинската управа на РМ – 92 кривични пријави против 51 правни и 177 физички лица, поради нелегални активности

„Во време кога економската интеграција со Европската Унија станува клучна политичка и економска цел за земјите од Западниот Балкан, царинските управи се поставуваат како клучни чинители во овој процес. Токму затоа на втората регионална конференција на генералните директори на царинските управи од Западниот Балкан и земјите-членки на ЕУ, што се одржа во Тирана, беше испратена недвосмислена порака: само преку модерна, дигитализирана и меѓусебно усогласена царинска политика е можно да се обезбеди стабилна и конкурентна економија.“ – нагласува аналитичкиот портал за финансии и банкарство „Пари“ во својата информација со наслов „Царините како двигател на интеграцијата: Македонија со нов закон, дигитални реформи и зголемени резултати во заплените“.

Натаму порталот пишува: Директорот на Царинската управа на Република Македонија Бобан Николовски на конференцијата ги претстави клучните реформи, што се спроведуваат во државава. Според него, веќе е изготвен новиот царински закон, кој е целосно усогласен со законската рамка на Европската Унија. Усвојувањето на овој закон, кое се очекува во текот на годинава, ќе означи важен исчекор во усогласувањето со европските стандарди и ќе создаде основа за натамошно забрзување на интегративниот процес. Напоредно со тоа, Царинската управа спроведува низа технолошки и институционални реформи, насочени кон целосна дигитализација на царинските процедури. Овие активности се реализираат со поддршка од Европската Унија, Светската банка и Владата на Република Кореја преку проекти со вкупна вредност од 24,4 милиони евра.

„Нашата крајна цел е да создадеме целосно дигитализирано царинско работење во секој дел – од обработка на податоци, преку контроли и анализа на опасности, до оперативна комуникација со економските оператори. Ова ќе го олесни движењето на стоки и услуги и значајно ќе го намали времето на чекање на граничните премини. Ќе осигура и поголема сигурност на стоките, што влегуваат во Македонија и кои излегуваат од неа.“ – истакна Николовски.

Реформските напори веќе донесуваат конкретни резултати. Според податоците на Царинската управа, од јануари до мај 2025 година наплатените приходи достигнале 847,6 милиони евра. Тоа е пораст од 4,8 отсто во однос на истиот период од минатата година. Зголемен е и бројот на откриени нелегални активности. Во првите пет месеци од 2025 година имало 203 случаи на заплени – двојно повеќе од лани. Уште повпечатливи се податоците за кривичните пријави: поднесени се вкупно 92 пријави против 52 правни и 177 физички лица. Во истиот период минатата година биле поднесени само 18 кривични пријави.

„Овие резултати се постигнати со тимска работа, професионализам и постојано унапредување на внатрешните капацитети. На Царинската управа повеќе не се гледа како на поединечна институција, туку како дел од поширок безбедносен и економски систем, кој е во функција на државата и граѓаните.“ – нагласи Николовски.

Роберто Алесе, генерален директор на Италијанската агенција за царини и монополи, истакна дека стабилноста и безбедноста на регионот зависат од меѓусебната соработка и доверба меѓу царинските управи. Според него, интеграцијата на регионот во ЕУ не е можно да се замисли без функционални и меѓусебно поврзани царински системи. „Нашите заеднички цели остануваат јасни: да ја олесниме трговијата, да поттикнеме соработка и да обезбедиме стабилност во Балканот и во Јадранскиот простор.“ – изјави Алесе.

Матеј Законшек, директор на Транспортната заедница, подвлече дека ефикасните и интероперабилни царински процедури се суштински важни за слободно и безбедно движење на стоки и луѓе, како и за практично спроведување на ЕУ стандардите на теренот.

На споменатата конференција царинските управи усвоија заедничка декларација со која се обврзуваат на понатамошно зајакнување на регионалното партнерство, размена на знаења, добра пракса и техничка поддршка во сите области на нивно дејствување. Оваа декларација е конкретен чекор кон создавање царинска заедница, што ќе биде подготвена да одговори на предизвиците на европската интеграција, но и на глобалната економија.