Поглаварот на римокатоличката црква, папата Франциско стигна во југозападната пацифичка островска држава Папуа Нова Гвинеја за да ги посети католиците кои живеат во една од најоддалечените области во светот и да достави медицински материјали и друга помош.
Патувајќи 1.000 километри со товарен авион C-130 на кралското австралиско воздухопловство, папата Франциско со мала придружба пристигна во Ванимо, село со околу 12.000 жители во северозападниот дел на главниот остров на Папуа Нова Гвинеја, кој нема вода и струја.
Помошта што ја донесе 87-годишниот папа тежи стотици килограми, изјави портпаролот на Ватикан, Матео Бруни. Помошта вклучува различни лекови и облека, како и играчки и музички инструменти за учениците, рече Бруни.
Папата ја посети земјата со 600 острови како дел од 12-дневното патување во четири земји во Југоисточна Азија и Океанија, најдолгото патување откако пред 11 години стана папа.
Во Папуа Нова Гвинеја, огромна земја со планини, џунгли и реки, се зборуваат повеќе од 800 јазици и живеат стотици племиња, вклучително и десетици народи кои живеат без контакт со надворешниот свет.
Ватикан смета дека има околу 2,5 милиони католици во Папуа Нова Гвинеја, која има проценето население од 9 до 17 милиони.





