Првите апсења се очекуваат веднаш по новогодишните празници, откако Специјалниот суд за Косово почна со работа, објави приштинскиот „Газета експрес“.
Косовските лидери како и нивните воени пријатели, почнувајќи од претседателот спикерот на парламентот, премиерот и поранешни функционери од воениот период се свесни дека веќе се подготвени првите обвиненија од страна на обвинителстворо на Специјалниот суд, пренесува Б92.
Специјалниот суд беше одобрен од страна на Косовското собрание во август 2015 година, а главните предмети во голема мера ќе се однесуваат на поранешни водачи на ОВК.

Против кои, поранешниот известувач на Советот на Европа, швајцарскиот сенатор Дик Марти, покрена сомневања за сторени воени злосторства и за трговија со органи.
Хашим Тачи, актуелниот косовски претседател ја побара првата истрага за сериозните обвиненија на сенаторот Дик Марти во 2010 година и тој се погрижи меѓународното барање за основање на Специјалниот трибунал да помине во Парламентот.
„Но сега, откако првите обвиненија тропаат на вратата, претседателот го напаѓа Трибуналот, нарекувајќи го неправеден и наметнат. Според претседателот, Специјалниот суд не може да биде фер, бидејќи ќе се занимава исклучиво со наводните злосторства извршени од Ослободителната војска на Косово, иако илјадници злосторства извршени врз Албанците во војната во 99-тите никогаш не биле судени“ – пишува косовска „Газета експрес“.
Специјалниот суд е неправеден и за ветераните на ОВК, кои продолжуваат со собирање на 10 илјади потписи, со кои сакаат да иницираат измена на законот за Специјалниот суд.
Петицијата започна во петокот, а претседателот на Здружението на воените ветерани, Хисни Гучати, вели дека не разговарале со политичките претставници за промените што ги бараат и дека зад оваа иницијатива не стојат ниту Рамуш Харадинај, ниту Кадри Весели ниту Хашим Тачи, пишува „Газета експрес“.
Но, аналитичарот Астрит Гаши вели дека зад оваа петиција има важни политички фигури. Според него, организациите кои произлегоа од војната постојано биле користени од политичката сцена. Гаши верува дека ветераните на ОВК имаат поддршка од високи политички функционери.





