Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов ја оценува состојбата во затворите низ државата како загрижувачка. Во интервју на МИА, тој открива дека недостигаат околу 300 до 400 луѓе во целиот затворски систем. Се надева на одобрување на нови вработувања и најавува повеќе реформи, како инфраструктурни, така и системски. Најавува подобрување на можностите за пробација и на образованието во казнено-поправниот систем.
– Кога го говорам ова, тоа значи дека пред сѐ и над сѐ затворски полицајци, меѓутоа и луѓе во ресоцијализација, во финансии, во човечки ресурси, во правниот дел во управите што се на затворите. Се надевам дека тие вработувања ќе бидат одобрени во наредната 2025 година – вели Пандов.
– Од Комитетот треба да дојдат од 7 до 10 октомври во Македонија, ќе имаме состанок, меѓутоа ќе имаат состанок и со министерот за правда Игор Филков и со премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски. Јас и повиканите ќе направиме сѐ да ги увериме дека правиме и ќе правиме сѐ за подобрување на забелешките што ги имаме од нив за да можеме да започнеме. Се надевам дека в година ќе започнеме, ќе го распишеме тендерот и ќе ја почнеме втората фаза – дополнува Пандов.
Она што го загрижува новиот директор е начинот на кој биле чувани затворените лица. Според првичните информации, осудените лица во одредени затвори излегувале и влегувале кога сакале.
– Не велам дека во сите затвори тоа се случувало, но имаме докази и веќе е информирано и Министерството за внатрешни работи и Обвинителството дека одредени раководители, односно директори на затвори, буквално се однесувале во стилот на Луј 16 – „државата, тоа сум јас“ – вели Пандов.
Наследената состојба на затвореници евидентирани во бегство е околу 200, додека, во однос на прашањето дали постои гаранција дека ќе се вратат затворениците на кои тој им одобри прекин на издржување на казната, меѓу кои има и осуденици од „27 април“, вели дека нема гаранција исто како и за затворениците кои ги пуштаат на викенд.
– На најголем дел од нив веќе им се завршени прекините и се вратени во затворите. Не мал дел од нив, во меѓувреме имаат побарано од судовите да им се издадат подолги прекини. Како најзвучно име за кое имаше прекин е поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков. Во меѓувреме, колку што сум информиран од затворот, господинот Чавков, има добиено тримесечен прекин кој му завршува во ноември. Не мал дел од другите лица осудени за „27 април“ имаат добиено од судовите повторно прекини, некој на месец, некој на два. Гаранција не постои, како за секој кој со закон ќе биде пратен на 30-45 или 60 дена, кога ќе го пуштиме на викенд, ако не е вратен, тоа значи дека е во бегство, ние веднаш го информираме Министерството за внатрешни работи и тој осуденик се води како во бегство – појаснува Пандов.
Според директорот на Управата за извршување на санкции, работното ангажирање е најдобриот начин за ресоцијализација на затворениците. Ќе се обиде законски да интервенира во делот на работно ангажирање на затворениците со цел тоа да се користи почесто.
– Имам забелешки на последниот закон, направен сега во април. Планирам во наредниот период да побарам измени на одредени точки, или вметнување на нови. Забелешка е тоа што кај нас, доколку говориме дека имаме 2.400 затвореници, мислам дека околу 100 се само работно ангажирани. Моите насоки кон директорите на затворите се да се обидат да постигнат договори со градоначалниците, со други фирми, што поголем број затвореници да бидат работно ангажирани – вели Пандов.
Само во мал број на затворите има фарми каде одреден број затвореници се ангажирани, а најголем дел од земјиштата стојат неискористени.
Важно е, вели Пандов, затворениците да се оспособат за време на издржувањето на казната со цел да можат да се адаптираат откако ќе излезат од затвор.
– Не гледам зошто не ги научиме на некои занаети за кога ќе излезат да бидат оспособени да преживеат. Таков ни е системот што човек кога ќе излезе од затвор, едноставно не сме го осудиле, меѓутоа, не сме го оспособиле да може да функционира надвор од затворот и тоа е веројатно главната причина зошто не мал дел од нив повторно се враќаат во затворите – вели Пандов.
Извор: МИА. Мк





